H O M E

I N T R O

Антиглобализам

Антимилитаризам

Сајбер

Човекови права

Религија

Цивилизации

Македониум

Ораториум

Книжевност

Поезија

Антологија

A R T

Фељтон

Наука

INTERVIEW

Extreme sport

фотографија

Контра став

Дневна политика

За нас

Редакција

BONUS TRACK

 

 

 

 
 

  

 Уредникот

 

 

ШТО Е ГЛОБАЛИЗАЦИЈАТА?

 

(ЕНИГМА / АПОКАЛИПСА)

 

   Според теоретичарот Дејвид Хелд  постојат три теориски поделби на авторите кои се занимаваат со феноменот наречен глобализација:

 

* Хиперглобалисти:

 

   Фридман - вели дека овој процес на глобализација е железна историска неизбежност која не е плод на волјата и изборот. Тој истовремено предвидува крај на националните држави и на националниот суверенитет.

   Френсис Фукујама - најавува крај на историјата. Вели дека ... големите ривали фашизмот и комунизмот исчезнаа од сцената, а пазарот и демократијата постанаа универзална општествена формула која ги освојува сите светски простори”.

 

* Скептици:

 

    Ја застапуваат тезата дека економската глобализација е само мит, а во светот постои регионализација и настанување на  големи финансискии трговски блокови, коишто вкупно се три на број (европски, пацифичко-азиски и американски). Спротивно на хиперглобалистите тие сметаа дека XXI-от век не само што не претставува доба на изумирање на државите, туку напротив тој е и ера на настанување на нови држави. Наместо светска интеграција, според нив на дело е фрагментација - се поголема нееднаквост помеѓу државите и наплив на национализам и агресивен фундаментализам (пред сé исламски).

 

* Трансформационисти:

 

   Тие ја пропагираат т.н. средна (компромисна) теорија и сметаат дека патот на глобализацијата не е предодреден, но сепак е неизбежен.

                  

 

 

ЧЕТИРИТЕ ЈАВАЧИ НА АПОКАЛИПСАТА

 

 

 

I. ТЕХНОЛОШКО–ИНФОРМАТИЧКАТА РЕВОЛУЦИЈА

 

 

   Развитокот на модерната технологија, информатика, компјутеризација, роботика, ТВ и радио, Internet и слично го претвараат светот во глобално село.  Се случува една компресија на времето и просторот т.е. смалување на дистанците кои ги разделуваат државите и луѓето. Се повеќе и повеќе се  зголемува брзината на транспортот и комуникацијата.

 

   Примери за ова има многу, а ние ќе ги наведеме следниве:

 

-        преку 3 000 комерцијални вештачки сателити и над милијарда телевизори го претвора светот во едно огромно гледалиште, кадешто милијарди луѓе гледаат исти спектакли и настани;

-        целокупната Encyiclopedia Britanica со своите 25 томови може да се емитува преку Атлантикот за само 1 минута;

-        триминутен телефонски разговор измеѓу Њујорк и Лондон  во 1930 година чинел 300 долари, а денес (преку интернет) е речиси бесплатно;

-        за да изброи 1 трилион на човекот му се потребни 30 000 години, а компјутерот таа операција ја врши за само 1 секунда.

 

 

 

II.  ГЛОБАЛНА  ЕКОНОМИЈА

 

 

1.      Транснационалниот финансиски капитал - господар на светската економија

 

    Ако модерните комуникации претставуваат нервен систем, тогаш глобалната економија е крвоток на светот. Надмоќта на наднационалните економски организации (супранационалните финансиско-трговски институции) не е новост, но новост е нивниот гигантизам т.е. експанзијата на мултинационалните корпорации. Џиновските компании ги контролираат националните економии и тие имаат интерес од постоење на слаби држави, се со цел да нема отпор, да се укинат царините и да се одбегнат даноците.

 

   Во нашево совремие ние дочекавме едно новороденче, а тоа е т.н. казино - економија, бидејќи:

-        електронскиот трансфер на парите опфаќа повеќе од 90% од вкупната количина пари, која со брзина на светлината ја врти планетава;

-        брокерските финансиски трансакции достигнуваат неверојатни размери од 1 300 милијарди $ на ден (или онолку колку што изнесуваат резервите на сите национални банки во светот!)

-         

 

2.      Транснационалните корпорации - економски диносауруси

 (или глобални олигополи)

 

  

  Овие структури се одликуваат со следниве карактеристики: гигантизам, експанзионизам и глобализам.

 

    Постојат три видови корпорации, и тоа:

 

* етноцентрични:  за нивната политика се одлучува од центарот (т.е. во земјата на нивното потекло)

* полицентрични: тука центарот ги дава само најопштите рамки на дејствување, а филијалите кои се наоѓаат во другите земји ги раководат локални менаџери

* геоцентрични: кај овие корпорации централното раководство го сочинуваат менаџери од сите земји кадешто корпорациите имаат свои ограноци и се карактеризира со вистински интернационализам (т.е. има глобален карактер). Нивниот број е во постојан подем.

  

   Како примери би ги издвоиле следниве факти:

 

-        трошоците за 1 телевизор произведен во САД чинат 54 $, додека во фабриките на Тајван тие опаѓаат на само 4 $;

-        цената на трудот на 47 виетнамски работници е еднаква со онаа на само 1 француски работник;

-        денес постојат преку 20 000 транснационални корпорации;

-       400 корпорациски џинови во свои раце држат 66% од светското    производство;

-       само 1% од корпорациите во своите раце држат 75% од вкупните инвестиции во другите држави;

-       10-те најголеми фирми од областа на телекомуникациите контролираат 86% од светскиот пазар (кој пак е вреден цели 300 милијарди $);

-        пред две децении 180 корпорации ја контролираа светската индустрија за храна и пијалоци, а денес истата таа моќ ја делат само 60-ет корпорации;

-        пред две децении  65 хемиски компании биле во жестока конкурентска трка, додека денес преку 90% од светскиот пазар на пестициди го владеат само 9 компании;

-        вкупно 2/3 од странските инвестиции потекнуваат од само 4 земји (а тоа се: САД, Велика Британија, Јапонија и Германија).

 

   Апсолутното правило коешто важи во однесувањето на корпорациите е профитот. Тој ужива предност пред судбината и социјалните права на вработените лица. Зад сцената, светската елита која управува со овие корпорации нема никаква одговорност бидејќи таа не  е избрана од самите граѓани. Во моментот кога тие ќе забележат дека некоја влада се обидува да спроведе реформска политика или да повлече самостојни потези кои се косат со нивните интереси, настапува мајсторски оркестрирана кампања за промена на националната политика (настапуваат рекламни кампањи; изјави на поддршка од странски експерти; медиумско влијание на јавното мислење; масовно миење на мозоците на мнозинството граѓани преку т.н. НВО-и и фондации од рангот на SOROS и “остали другови”).

 

 

3.      М М Ф  -  светски економски арбитер

 

   Mеѓународниот монетарен фонд  (за нас добро познатиот ММФ / IMF) претставува половина економска, а половина политичка институција која со своите строги аранжмани го запира развојот на земјите од Третиот свет и транзициските земји од пост-комунистичкиот блок и дејствува во корист на наднационалните компании. Новоста во неговото функционирање датира од крајот на 70-те и почетокот на 80-те години од XX-от век, со метеорското издигнување на реганизмот и тачеризмот - кои важат за претставниции на неолибералното крило на глобалната елитна моќ. Одговорноста на владите спрема странските кредитори и ММФ станува многу поголема од нивната одговорност спрема своите граѓани кои всушност и ги избрале.

 

   Кругот на држави, пак, кои влегуваат во мрежата на Светската Трговска Организација (СТО) се прошири од 80-ет на преку 140-ет земји. Под знамето на либерализацијата на светската трговија, капиталот енергично ги турка и последните бариери на државниот протекционизам, што пак директно води кон негова концентрација. Националните економии под притисок на САД и ММФ се присилувани да ги остварат најчесто следниве барања:

 

Ø      масовна приватизација и дерегулација;

Ø  укинување на увозните царини, кои се заштитен бедем на домашната индустрија и стопанство;

Ø      укинување на државната контрола над странските инвестиции, со што се поплочува патот на доминација на странската над домашната економија и се создаваат услови за енормно перење пари;

Ø      намалување на данокот на доход (или т.н. корпорациски данок на профит);

Ø      драстична редукција и намалување на издатоците за социјална и здравствена заштита на работниците;

Ø      укинување на бесплатните лекарски прегледи и сл.

 

 

4. Pax mafiosa - патолошки близнак на глобализацијата

 

  Финансиските пазари доживеаја развој без преседан, но по цена на порастот на финансиската деликвенција, организираниот криминал, нелегалната трговија и шверц на луѓе (бело робје), оружје и дрога, како и зголемување на моќта на мафиите и бандите. Пред наши очи се склучува брак т.е. симбиоза меѓу мафиите, државата и финансискиот капитал.

 

  Примери за најмоќните мафијашки структури  коишто ги посочува Мирослав Печујлиќ се:

-        американските нарко босови                - колумбиската мафија

-        сицилијанската мафија                          - кинеските тријади

-        јапонските јакузи                                    - албанските макроа

-        чеченската мафија                                 - грузиската

-        руското подземје                                    - земунскиот клан

-        терористичките исламски организации и др.

 

 

 

III.  ГЛОБАЛНА   КУЛТУРА

 

 

1.      Планетарна масовна (масонска) култура

= детериторијализација и проширување на локалните хоризонти =

 

   Одликите на оваа модерна култура се:

 

а) Хомогенизација на животните стилови, вкусови и забави:

   Глобалната култура го преобликува локалниот фолклор и го руши сонот за културен плурализам - носењето фармерки, Nike патики или Rolex часовници, пиењето Coca-Cola, јадењето fast food од  McDonald и сл. коишто во исто време му се достапни на обичниот Јапонец и на црнецот во Африка - е доволен доказ за доминацијата на Западната цивилизација над сите останати, односно за типичната перфидна вестернизација, американизација или мекдоналдизација на светот.

 

б) Унификација на навиките (духовна униформираност):

   Масовната култура нема традиција подолга од 10-ет години, таа вештачки се создава. Се создава еден модерен бирократски кафез кои суверените потрошувачи ги претвора во послушни конформисти, коишто следејќи ги најновите трендови, кои вртоглаво се менуваат, се претвораат во Homo globalicus и Homo mehanicus - кој е преоптоварен од трката за моќ и престиж, станувајќи притоа егоистичен и бескруполозен.

 

в) Гигантски медиумски монопол (културен империјализам):

-        Само четири светски новински агенции дневно емитуваат околу 34 милиони зборови (т.е. 90% од вкупното издаваштво на весници и емитувањето вести преку радио и TV);

-        девет од 10-те најголеми рекламни фирми се американски;

-        во Холивуд се произведуваат 4/5 од сите филмови во светот;

-        за само една деценија уделот на американски филмови во европските кино-сали се зголеми од 56% на 70%;

-        бројот на корисниците на интернет се зголемува за 20% - 30% на секои неколку месеци;

-        CNN, BBC и другите „медиумски хиени” ја креираат реалноста во светот.

 

 

2.      Космополитска култура

 

   Овој поим означува чувство на припадност на светот во целина, и првенствено е својство на богатиот Запад. Тоа можеме да го наречеме ДАВОС култура: имено секоја година во местото Davos - Швајцарија на Светскиот економски форум доаѓаат илјадници бизнисмени, банкари, владини службеници, интелектуалци и новинари. Луѓето од Давос ги контролираат речиси сите меѓународни институции, многу од владите во светот и огромен дел од светските економски и воени потенцијали. Во оваа елита сите се високообразовани, студирале на познати универзитети, сите течно зборуваат англиски, често патуваат и што е најважно веруваат во индивидуализмот и во сите демократски вредности на Западната цивилизација!?

 

 

 

 

 

 

IV. ГЛОБАЛЕН ПОЛИТИЧКИ ПОРЕДОК

 

 

1. Густа мрежа на наднационални сили

 

 Супранационалните политички тела и организации делуваат како неизбран светски парламент. Групата G-8, ММФ, Светската Банка, NATO-пактот, Советот за безбедност и други слични на нив го обликуваат политичкиот и економскиот живот на планетава.

-        во почетокот на XX-от век имало 37 меѓувладини и 176 невладини меѓународни организации, за да нивниот број за кратко време скокне на 260 и 5 500, соодветно;

-        бројот на меѓународни договори само за последниве триесет години порасна од 6 351 на 14 061;

 

  Прочуениот Вашингтонски консензус воспоставува нови правила на игра. Тој е резултат на “дилот” меѓу Бил Клинтон и моќните банкари од Волстрит, кои безрезервно ја поддржале и ја финансирале неговата предизборна кампања, а за возврат добиле ветување дека тој ќе биде промотор на слободната циркулација на капиталот на светската арена.

 

 

2.      Извоз на диригирана демократија

(демократија со низок интензитет или т.н. демо(н)кратија)

 

  

Во средината на 80-те Америка прави голем пресврт, раскинува со поддршката на диктаторските режими и го лансира големиот проект за Промоција на демократијата (но, се разбира на американски начин). Со доктрината за човековите права се насочува кон рушење на, според нив “деспотските режими” - посебно од исламскиот свет. Оваа глад за демократија ја искористуваат за делумно промовирање само на граѓанските и политичките права, а нема ниту трага од економските и социјалните права на граѓаните.

 

   Репертоарот на американскиот политички интервенционизам е разновиден: од превоспитување на политичките лидери до подмитување на невладините, политичките, женските и младинските организации; од мониторинг и фалсификување на изборните процеси до поддржување на опозицијата; од атентати до директни воени интервенции.

 

 

3. Автократско светско владеење  (три симптоми)

 

  * доминација: или консензуална, бенигна хегемонија на Западот над сите останати цивилизации - јапонската, конфучијанската, хинду, латино-американската, африканската, исламската и словено-православната.  Тоа допринесува да се стимулираат конфликти и на макро ниво (судир на цивилизациите), но и на микро ниво (судири за територии, етнички и верски конфликти) - внатре во одредени држави.

 

   * проект за авторитарни наднационални (пара)држави:

a.      слаби држави (лилипутански или мини-државички т.е. држави-минијатури) кои под протекторат на НАТО се формираат од Балканот до Авганистан. Пример, после Втората светска војна бројот на држави се зголеми од 75 на преку 185.

б. нов тип на држави-трансмисионери: тие се само локални извршувачи на одлуките на големите сили.

в. нов вид на наднационални постмодерни држави: како на пример Европската Унија.

г. единствена супердржава т.е. империја: Соединетите Американски Држави (САД)

 

   * нов воен интервенционизам (т.н. „милитарен хуманизам”):

  Наместо траен мир, падот на Берлинскиот ѕид ни донесе глобален милитаризам и експанзија на агресивниот НАТО пакт. Според новата нуклеарна стратегија на Пентагон објавена во Nењ York Times, нуклеарниот удар на САД мо\е да настапи како одговор на нуклеарна агресија, или напад со биолошко, хемиско или друг вид оружје за масовно уништување или пак против цели кои не можат да се уништат со конвенционално оружје. Листата на потенцијалните противници се однесува на: Русија, Ирак, Иран, Кина, Северна Кореја, Либија и Сирија.

  Воениот буџет на САД, иако најголем во светот и понатаму вртоглаво расте: од 1998 - кога тој изнесуваше 270 милијарди долари, во 2004 година предвидено е да се искачи на рекордни 410 милијарди американски $.  зв